Го заборавија Милан: Берлускони и Галијани обединети во една невозможна мисија

Некогашниот италијански премиер Силвио Берлускони и неговата „десна рака“ Адријано Галијани веќе подолго време работат на остварување на една невозможна мисија. Берлускони стана сопственик на екипата на Монца, која се натпреварува во Серија Ц во Италија (трета лига).

Монца имаше одлична сезона и како првопласирана, со 16 бода повеќе од второпласираниот Караресе, си обезбеди промоција во Серија Б за следната сезона. Галијани, кој сега е прв оперативец во Монца, вели дека ја исполниле зацртаната цел за оваа сезона, а следната година ќе сакаат да обезбедат место во Серија А. Доколку Монца успее да се пласира во Серија А, Галијани вети дека пешки ќе оди од стадионот на Монца, до „Сан Сиро“ во Милано, кои се на околу 25 километри одалеченост.

„Сакаме Монца многу брзо да напредува. Претседателот Берлускони тоа го најави и следната сезона ќе се обидеме да обезбедиме место во Серија А. Тоа е целта која ја имаме поставено. Пред да почне првенството, им реков на играчите дека ако веруваат во себе, ќе ги поминат сите препреки. Со оглед на тоа дека сум роден во Монца и дека сум голем навивач на клубот, подготвен сум да дадам ветување дека ако успееме да се пласираме во Серија А, пешки ќе одам од Монца до Сан Сиро“, вели Галијани.

Галијани, кој со Милан имаше многу радости, вели дека веќе не е дел од Росонерите и затоа не сака да ја коментира моменталната ситуација во тој клуб, но дека и понатаму ги следи мечевите на тимот од „Сан Сиро“, за кого уште навива.

 

- Оглас -

Најнови вести