Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ дефинитивно ќе настапи на последниот годинашен гренслем-турнир, Отвореното првенство на САД, откако синоќа Сенатот изгласа укинување на националната декларација за вонредна состојба поради пандемијата на корона-вирусот, што значи и укинување на забраната за влез во земјата на невакцинирани лица.
Сенатот со 68 гласа за и 23 против донесе одлука за укинување на вонредната состојба, а минатиот месец тоа го стори и Претставничкиот дом (Конгресот) со 229 гласа за и 192 против.
Последен чекор во целосно укинување на вонредната состојба е претседателот на САД, Џо Бајден, кој треба да ја одобри и да стави потпис на оваа одлука, што не би требало да претставува проблем бидејќи Белата куќа уште минатиот месец најави дека најдоцна до 11 мај ќе ја укине забраната за влез во земјата на невакцинирани лица.
Ова значи дека Новак Ѓоковиќ ќе може да настапи на последниот гренслем-турнир годинава, кој треба да се игра од 28 август до 10 септември на терените на „Флешинг Медоус“ во Њујорк.
Поради сè уште актуелната забрана за влез во земјата на невакцинирани лица, Ѓоковиќ не настапува на мастерсот во Мајами, а не играше ниту во Индијан Велс.