Ѓоковиќ е голем фаворит против Кирјос, но има страв од моќното оружје на Австралиецот

Новак Ѓоковиќ е голем фаворит против Ник Кирјос во финалето на Вимблдон, денеска од 15 часот, но стравува од моќното оружје на дебитантот во мечевите за титула на гренслем турнирите.

Тоа е сервисот на Кирјос, кој е многу непредвидлив и за кој Ѓоковиќ вели дека е најдобар од сите ривали против кои играл досега.

Поранешниот аналитичар во стручниот штаб на Новак, Крег О`Шонеси открива дека добил посебни инструкции од Ѓоковиќ да го анализира детално начинот на кој сервира Кирјос.

„По двата порази од Ник, Новак ми сугерираше детално да го анализирам начинот на кој сервира Австралиецот. Има непредвидлив сервис и широк дијапазон на удари при сервирањето што му задава многу проблеми на Новак. По вториот пораз Ноле беше искрен и ми рече дека Кирјос е тенисерот со најнезгоден сервис против кој играл досега. Тоа го плаши, а секако и фактот дека има два порази без добиен сет во два досегашни дуели“, вели О`Шонеси.

Тој соработуваше со Ѓоковиќ од 2017 до 2020 година, период во кој Кирјос и Новак играа двапати и Австралиецот двапати славеше со по 2:0 во Индијан Велс и во Акапулко.

Српскиот ас ќе го игра рекордното 32. гренслем финале и го очекува 21. пехар, а Кирјос за првпат е финалист во обидот да стане гренслем шампион.

 

- Оглас -

Најнови вести