Ѓоковиќ и Федерер се вратија со победи, на Иснер не му помогнаа бомбите

Новак Ѓоковиќ и Роџер Федерер немаа проблеми и рутински ги победија првите ривали на АТП-турнирот во Синсинати, што е камбек за двајцата тенисери по епското финале на Вимблдон.

Новак го победи Сем Квери со 7:5, 6:1 и во следната рунда ќе игра со Пабло Карено-Буста, а Федерер немаше проблеми со Лондеро и го испрати во публика со триумф од 6:3, 6:4. Во осминафиналето ќе игра со подобриот од дуелот меѓу Вавринка и Рубљев.

Во најинтересниот меч, ноќеска Карено-Буста успеа да се снајде со сервис-бомбите на Џон Иснер и го елиминираше ривалот во тесен меч со 6:4, 6:7 (1), 7:6 (6).

Иснер сервираше дури 32 аса, но ниту тоа не му помогна да остане на турнирот.

Кај дамите имаше две големи изненадувања, а испаднаа Петра Квитова и Анжелик Кербер, две тенисерки што имаат вкупно пет гренд слем титули.

Германката загуби со 0:2 од Анет Контавејт, а Квитова мораше да ѝ честита на Марија Сакари по три сета. Настапот го откажа Серена Вилијамс, а нејзината замена Џесика Пегула не успеа да ја искористи шансата и загуби од Зарина Дијаз.

Лошата ноќ на германските тенисерки мина и со елиминација на Јулија Гергес, тенисерка што загуби со 0:2 од Софија Кенин.

- Оглас -

Најнови вести