Најдобриот светски тенисер во историјата, Новак Ѓоковиќ, синоќа стигна до уште еден голем трофеј во кариерата откако го освои завршниот АТП Мастерс во Торино. Тој по натпреварот беше изненаден кога му кажаа дека фудбалската репрезентација на Србија се пласирала на Европското првенство.
„Прво да им честитам. Навистина го направија тоа? Не знаев. На натрпеварот беше Лука Јовиќ со сопругата, а Душан Влаховиќ беше пред неколку дена. Ги видов него и Костиќ на натпреварот, разговаравме. Мило ми е ако имав позитивно влијание на нив, тоа ме радува и навистина ми е чест да бидам во позиција да инспирирам некого“, рече Ѓоковиќ по финалето со Синер.
Србија одигра 2-2 против Бугарија во Лесковац на последниот натпревар, што беше доволно да се освои второто место во групата. Ова за нив ќе биде дебитантски настап на Европските првенства бидејќи последен пат играа во 2000 година, но како СР Југославија и во државна заедница со Црна Гора.