Ѓоковиќ на патот до историјата може да биде запрен само од него самиот

Постои само еден главен фаворит за освојување на титулата на тенискиот гренслем Вимблдон, а тоа е првиот носител Новак Ѓоковиќ. Србинот го освојуваше овој турнир во неговите две претходни изданија во 2018 и 2019 година и ако направи хет-трик, ќе се изедначи со Роџер Федерер и Рафаел Надал по бројот на гренслем-титули.

Ѓоковиќ неодамна на „Ролан Гарос“ во Париз покажа дека е многу тешко да освоите три сета против него дури и кога водите со 2-0. Преклани, во епското финале, големиот Роџер Федерер, кој има најмногу титули на Вимблдон, имаше меч-топка, но не ја искористи и на крајот се радуваше Новак. Сето тоа покажува дека освен играчкиот квалитет, Ѓоковиќ има и неверојатна ментална сила.

Во првото коло, попладнево Ѓоковиќ игра со домашниот тенисер Џек Дрејпер, кој влезе со вајлд-карта и уште на стартот ќе ја има публиката како противник.

Сега Ѓоковиќ пред себе има една цел: да ги освои Вимблдон и Отвореното првенство на САД, со што би станал рекордер во историјата на машкиот тенис и единствен што ги освоил сите четири гренслема во една календарска година. Според формата во која се наоѓа и не толку силната конкуренција на трева, се чини дека само некоја повреда или случајно удирање со топче на судија може да го спречи на патот до успехот.

Доколку Ѓоковиќ испадне пред финалето, тогаш на Данил Медведев ќе му треба титула на тревата во Лондон за да избие на прво место на АТП-листата. Но, ова сценарио не е баш реално. Русинот досега на Вимблдон никогаш не го минал четвртото коло. За Медо има опција да биде прв и ако стигне до финале, а Ѓоковиќ да испадне во некое од првите четири кола.

- Оглас -

Најнови вести