Ѓоковиќ не губи четврт-финалиња во Њујорк

Србинот во три сета го елиминираше Џон Милман, а Јапонците испишаа историја

 

Новак Ѓоковиќ од 2007 година наваму ги доби сите 11 четврт-финалиња кои ги играше на Отвореното првенство на САД, па и годинава ќе биде полуфиналист. Тој во четврт-финалната рунда го надигра Австралиецот Џон Милман со 6-3, 6-4, 6-4.

Милман, кој е 55-то рангиран на светот, немаше сили и знаење за уште една сензација откако во осминафиналето ја искористи немоќта на Роже Федерер, спречувајќи дерби во четврт-финалето. За 29-годишниот Милман ова беше прво Гренд слем четврт-финале во кариерата и за тоа ќе добие парична награда во висина од 25 проценти од вкупниот приход кој го имал досега во целата кариера.

Популарниот Ноле ја брка својата трета титула на „Флешинг медоуз“, а следна пречка на патот до трофејот му е Кеј Нишикори. Јапонецот во четврт-финалето, во пет сета беше подобар од Марин Чилиќ.

Во женска конкуренција, една од полуфиналистките е Наоми Осака, па за првпат на еден Гренд слем, во полуфиналето и кај мажите и кај жените, ќе има Јапонци. Осака во полуфиналето игра со Медисон Киз и има подобри шанси за финале отколку Нишикори. Но, Нишикори во 2014 година го совлада Ѓоковиќ токму во полуфиналето, и тоа е предупредување за Србинот.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести