Ѓоковиќ по поразот од Баутиста: Догодина ќе знам како да се подготвам

Најдобриот светски тенисер, Новак Ѓоковиќ, по изненадувачкиот пораз од Роберто Баутиста Агут, рече дека причина за слабите резултати на Мастерсите во САД е што не бил доволно добро подготвен. Србинот синоќа го растури својот противник во првиот сет со 6-1, но потоа работите тргнаа надолу за него, а Шпанецот многу го крена нивото на игра, па ги доби вториот и третиот сет со 7-5 и 6-3.

„Мислам дека клучен беше стартот на вториот сет. Тогаш почнав да играм многу поагресивно, и тоа ми донесе резултат“, изјави Баутиста, кој во четвртфиналето ќе се сретне со Џон Иснер, а по вторпат годинава го совлада Ѓоковиќ.

Ѓоковиќ, кој има шест титули во Мајами, рече дека ќе размисли уште еднаш како да се подготви за американската турнеја следната сезона.

„Имав многу активности кои се надвор од тениските терени. Претпоставувам дека тоа имаше негативен ефект врз мене. И здравствено не се чувствував најдобро, ниту тука, ниту во Индијан Велс. Тоа е, во животот учите од грешките“, изјави Новак.

- Оглас -

Најнови вести