За Новак Ѓоковиќ вчерашниот ден не беше лесен, најпрвин од компанијата „Пежо“ рекоа дека веќе нема да го спонзорираат најдобриот тенисер, а потоа дојде информација дека завршува долгогодишната соработка на Новак со тренерот Марјан Вајда.
Словакот Вајда, кој има 57 години, беше со Ѓоковиќ за време на сите 20 гренслем-титули, го поддржуваше за време на случувањата во Австралија, а откако во 2019 година беше ангажиран и Горан Иванишевиќ, Вајда полека почна да се повлекува и не го следеше Новак на сите турнири.
Ѓоковиќ и Вајда уште лани се договориле за завршување на соработката.
„Марјан беше со мене за време на најважните моменти во мојата кариера. Заедно постигнавме неверојатни работи и многу сум му благодарен за посветеноста и пријателството во овие 15 години. Иако го напушта мојот тренерски тим, тој секогаш ќе биде дел од моето семејство, не можам доволно да му се заблагодарам за тоа што го направи за мене“, изјави Ѓоковиќ.
Вајда искоментира дека останува најголема поддршка за Новак и верува дека ќе продолжи да ниже успеси.