Ѓоковиќ против Федерер е можно само во финалето на Вимблдон

Новак Ѓоковиќ и Роџер Федерер во 2019 година одиграа епско петчасовно финале на гренслемот Вимблдон, а за да има нов дуел на двете легенди на лондонската трева, ќе треба да се почека повторно до финалето. Ждрепката одлучи Србинот и Швајцарецот да бидат на различни половини од костурот на турнирот, што значи дека би се сретнале само во финале.

Ѓоковиќ го освојуваше Вимблдон во 2018 и 2019 година, лани не се играше, па годинава ако Новак направи хет-трик, ќе ги стигне Федерер и Рафаел Надал по бројот на гренслем-титули. Федерер е при крај со кариерата, не е во старата форма и би било подвиг доколку успее да се пласира во финале.

Ако фаворитите победуваат според планот, четвртфиналните двојки би биле: Ѓоковиќ – Рубљов, Циципас – Баутиста Агут, Зверев – Беретини и Медведев – Федерер. Можно е полуфинале на Ѓоковиќ со Циципас, дуел кој го гледавме во финалето на неодамна завршениот Ролан Гарос.

Во првото коло, првиот носител Ѓоковиќ игра со 19-годишниот Британец Џек Дрејпер, кој е 250-ти на АТП-листата, а потоа потенцијално во второто ќе има незгоден противник, Кевин Андерсон, со кого во 2018 година играа во финалето.

- Оглас -

Најнови вести