Ѓоковиќ се јави со реакција по одлуката за депортација од Австралија

Деветкратниот освојувач на гренд слем турнирот Австралија опен, Новак Ѓоковиќ, на помалку од 24 часа до почетокот да го брани тронот, доби „црвен картон“. Судот одлучи дека Србинот затоа што не е вакциниран со две дози против Коронавирусот, ќе мора да ја напушти Австралија и нема да игра на неговиот омилен Гренд слем.

Судскиот совет составен од тројца судии беше едногласен и со 3:0 беше донесена одлука за депортација на Ѓоковиќ, што значи дека Србинот воопшто веќе нема ни право на нова жалба, туку едноставно ќе мора да си замине.

„Би сакал да дадам само кратка изјава во врска со денешното сослушување. Сега некое време ќе земам одмор и би сакал да се рехабилитирам, пред да дадам дополнителен коментар на оваа тема. Многу сум разочаран од одлуката да ми се укине визата, затоа што тоа значи дека нема да можам да останам во Австралија и да се натпреварувам на Австралија опен. Ја почитувам одлуката на судот и ќе соработувам со надлежните тела околу моето заминување од земјата“, рече Ѓоковиќ по слушањето на одлуката дека треба да си замине.

Србинот додаде дека му било непријатно што целиот фокус од турнирот во изминативе 10 дена бил само на него и на сите тенисери кои ќе бидат дел од турнирот во Мелбурн им посака добар турнир.

- Оглас -

Најнови вести