Ѓоковиќ со петка лесно го преслуша Шварцман, сега оди на десетка против Раониќ

Новак Ѓоковиќ решително чекори кон нова титула на Австралија опен, а има интересен распоред и противници од кои никогаш не загубил.

Првиот од нив Диего Шварцман од Аргентина го преслуша по петти пат ноќеска во осминафиналето во Мелбурн со 3:0 во сетови, а против следниот ривал Милош Раониќ ја очекува десеттата победа во десеттиот меѓусебен меч.

За нешто повеќе од два часа игра популарниот Џокер не мораше да вади дополнителни адути од ракав и лесно го надигра 14. носител Шварцман. Првиот сет го доби со 6:3, следните два со 6:4, за 5 од 5 против Аргентинецот.

Во четвртфиналето го чека Раониќ, кој го победи Марин Чилиќ со 3:0, а и тука Ѓоковиќ ќе биде апсолутен фаворит бидејќи има биланс 9 од 9 против корпулентниот Канаѓанец.

Кај дамите во најинтересниот дуел Софија Кенин го доби американското дерби против 15-годишната сензација Кори Гоф со 2:1 во сстови. Тенисерката што е родена во Москва, но настапува за САД, го загуби првиот сет во тај-брејк со 7:5 во поени, но потоа беше убедлива и со само три загубени гема направи комплетен пресврт и ќе игра во четвртфиналето против Онс Џабер.

Тенисерката од Тунис го забележа најголемиот успех на гренд-слем турнирите со пласман во четвртфиналето, откако во два сета со 7:6, 6:1 ја елиминира Кјанг Ванг. За полуфинале Онс ќе игра против Кенин.

Меѓу осумтте најдобри на турнирот се проби и ланската финалистка во Мелбурн, Петра Квитова. Чешката тенисерка со две гренд-слем титули останува во игра и за третата круна на големите турнири по победата од 2:1 во сетови против Марија Сакари од Грција.

 

 

- Оглас -

Најнови вести