Голчиште на Спировски за победа на Струга ТЛ против Пјуник (Видео)

Македонскиот фудбалски првак Струга Трим Лум го победи Пјуник со 2:1 во првиот меч од второто квалификациско коло во Конференциската лига на УЕФА. Овој резултат е најава за интересен реванш кој ќе се игра следната недела во Ерменија.

Бесарт Ибраими донесе радост за домашните фанови и тоа по само осум минути игра. По една несмасна реакција на еден дефанзивен играч на гостите и направен фаул, беше досуден пенал за Струга ТЛ, а искусниот Ибраими погоди за 1:0.

Пјуник израмни на ист начин како што Струга ТЛ поведе, со гол од пенал. Ерменскиот тим доби најстрога казна во своја корист во 23 минута, кога пеналот во гол го реализираше Виљела.

Во второто полувреме, првиот битен момент се случи во 60 минута кога директен црвен картон доби стоперот Вакуленко, па гостите останаа со играч помалку. Струга ТЛ напаѓаше, а потегот на мечот го имаше Стефан Спировски.

Некогашниот репрезентативец на Македонија со фантастичен шут од далечина погоди за 2:1 за Струга ТЛ во 73 минута. Интересно е дека Спировски не се радуваше многу покажувајќи почит кон Пјуник, кој беше негов клуб во сезоната 2022/23.

За Струга ТЛ ова е прва победа сезонава во европските купови, откако претходно два пати беше поразена од Слован Братислава во квалификациите од Лигата на шампиони.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести