Голден стејт со лекција за Тандер, првакот обезбеди плејоф

Актуелниот НБА шампион, Голден Стејт вориорс, извојува убедлива победа на гостувањето кај Оклахома Сити тандер, и уште отсега си обезбеди место во разигрувањето за титулата.

Иако не играше Кевин Дурант, „воините“ предводени од Стеф Кари кој даде 33, и Клеј Томпсон со 23 поени, лесно излегоа на крај со „громовите“, и станаа прв тим од Западот со осигуран плејоф. Кај домашните, Пол Џорџ даде 29 поени и беше на своето ниво, но Расел Вестбрук погоди само два шута од поле од 16 обиди.

Сан Антонио го совлада Портланд и сега има низа од осум победи по ред, а дома има 10 победи во низа. Спарс е шести на Западот, со една победа помалку од петтата Оклахома, а две од четвртиот Портланд. Кај Блејзерс се повреди Си Џеј Мекколум, но добрата вест е што снимките покажаа дека нема скршеница на левата нога.

Публиката во Далас очекуваше да види историја, но фалеше една тројка. Дирк Новицки е на три поени од Вилт Чемберлен на вечната листа на најдобри стрелци во НБА. За Маверикс е важно што победија, и ја прекинаа црната серија од седум порази по ред. Новицки веројатно на следниот меч ќе стане шести стрелец во историјата.

РЕЗУЛТАТИ: Њу Орлеанс – Феникс 136-138 (по продолжение), Вашингтон – Мемфис 135-128, Далас – Кливленд 121-116, Оклахома сити – Голден стејт 88-110, Сан Антонио – Портланд 108-103, Денвер – Индијана 102-100, Јута – Бруклин 114-98.

- Оглас -

Најнови вести