Ника Квеквескири беше дел од составот на Грузија што претрпе исклучително болен пораз од Македонија во историски меч за пласман на Европско првенство.
Во Тбилиси на 12 ноември во 2020 година, во финалниот бараж меч од Сегментот Д во Лигата на нациите, Македонија победи со 1:0, па сега и Квеквескири и Грузијците се надеваат на реванш.
Македонија повторно ѝ е гостин на Грузија во Тбилиси по две години од огромната победа, највредна во нашата фудбалска историја, што ни донесе прв настап на големо натпреварување.
Тогаш велемајсторската акција во 56-тата минута меѓу италијанското трио Македонци, Елиф Елмас, Илија Несторовски и Горан Пандев, ја круниса со гол капитенот Пандев и Македонија се пласира на ЕП.
Поради пандемијата со ковид-19, на „Динамо арената“, или стадионот „Борис Паичаѕе“, се играше без публика, а сега ќе има 55 илјади гледачи, па Квеквескири верува дека има симболика и дека Грузија со присуство на навивачи и на полн стадион ќе ѝ се реваншира на Македонија за историски најболниот пораз од нивното постоење.
Грузија сè уште чека прв настап на големо натпревраување и никогаш не играла на ЕП и на СП.
„Верувам дека има некаква симболика што можеме да го потврдиме првото место во нашата група од Сегментот Ц токму со победа против Македонија. Не успеавме да ги победиме тука во Тбилиси пред две години без публика и во историски меч, но верувам дека дојде време да испишеме нова историја. Очекувам заедно со 55 илјади наши навивачи да се радуваме на триумф и на пробив во повисок ранг на натпревари во Лигата на нациите“, изјави играчот на полскиот Лех.
Тој го играше целиот меч на 12 ноември пред две години во Тбилиси и тагуваше за најболниот пораз во фудбалската историја на самостојна Грузија.
Сега очекува реванш и печат на првото место, што би ѝ донело пробив во Сегментот Б во Лигата на нациите на неговата репрезентација.
Македонија во Тбилиси пак нема избор и мора да победи, сега дури и да брка гол-разлика и победа од 3, па и повеќе голови разлика за да може потоа и со триумф над Бугарија на 26 септември да го потврди првото место и пласманот во Сегментот Б.
Секој друг резултат утре од 18 часот на „Динамо арената“ ја носи Грузија во повисок сегмент во Лигата на нациите, без разлика на резултатите во последното коло во четвртата група од Сегментот Ц.