Голманите славеа јубилеи, Реина нема да го памети својот по добро

Лестер по четири меча во Премиер лигата, конечно оствари победа, на „Кинг Пауер“ Лисиците ја надитрија Астон вила со убедливи 4-0. Мечот беше посебен за голманите на двете екипи – Каспер Шмајхел стана четвртиот дански играч кој запиша 200 настапи во англискиот шампионат, додека Пепе Реина го одигра 400-тиот меч за премиерлигашки клуб во својата кариера.

Шмајхел им се придружи на Томас Соренсен (364), неговиот татко Питер (310) и Кристијан Ериксен (226) во клубот „200“ како единствени Данци кои настапиле на олкав број натпревари во Премиер лигата.

Сепак, оваа средба ќе се памети по киксот на Пепе Реина во неговиот јубилеј. Искусниот шпански голман го напушти шестнаесетникот во обид да ја избие топката, меѓутоа Барнс беше побрз од него и лесно го погоди празниот гол на гостите за 1-0 во 40-тата минута. Инаку, за Реина ова беше шести меч во дресот на Астон вила, додека 394 настапи има како член на Ливерпул во сите натпреварувања.

До крајот на средбата Варди стрелаше во два наврати, прво од пенал во 63-тата минута, во 78-мата минута зголеми на 3-0, а шест минути подоцна Барнс го заврши мечот како што го почна, со гол за конечни 4-0.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести