Торино го одложи шампионското славје на Интер (Видео)

Интер одигра нерешено 2-2 на гостувањето кај Торино, но и понатаму е на чекор до освојување на титулата во Серија А.

Нераѕурите сега имаат дури 10 бода предност пред Наполи на четири кола до крајот, па им е потребна само уште една победа за да ја заверaт 21-та шампионска титула.

Интер имаше одличен почеток и поведе со головите на Маркус Турам во 23-тата минута и на Јан Бисек во 61-та минута, а клучна улога одигра Федерико Димарко, кој запиша две асистенции.

Првиот гол падна по одлична акција кога Димарко прецизно центрираше до Турам, кој со глава ја затресе мрежата. Во 61-та минута, по корнер од левата страна, Бисек најдобро се снајде и повторно со удар со глава зголеми на 0-2.

Сепак, по 70-та минута следеше неочекуван пад во играта на Интер. Домаќините се разбудија и почнаа да напаѓаат, па Симеоне намали на 1-2 по одлична асистенција од Илкан.

Торино продолжи со притисокот и создаде уште неколку шанси, а израмнувањето дојде 15 минути пред крајот. По интервенција од ВАР, беше досуден пенал поради игра со рака на Карлос Аугусто, а Никола Влашиќ сигурно реализираше за 2-2.

До крајот Торино беше поопасен, додека Интер делуваше како тим што повеќе сака да го сочува бодот. Во судиското продолжение Пјотр Зјелински имаше добра можност, но неговиот удар заврши покрај стативата.

И покрај киксот, Интер останува во одлична позиција да ја освои титулата во преостанатите четири кола.

- Оглас -

Најнови вести