Голманот кој ја фати топката „жива“ по пеналот на Марадона на СП 1990 стана тренер на Интер Запрешиќ (Видео)

Еден од најпознатите голмани кои го носеле дресот на поранешна Југославија, Томислав Ивковиќ, сега работи како тренер, а од пред некој ден тој е именуван за нов шеф на стручниот штаб на хрватскиот прволигаш Интер Запрешиќ. Ивковиќ во десетте кола кои останаа, ќе има задача со Интер да избори опстанок.

„Речиси една година бев без работа. За тоа време гледав многу натпревари и тренинзи на Гвардиола, Клоп, Симеоне“, вели Ивковиќ, кој во 1982 година со Динамо Загреб стана првак на Југославија, но не бранеше бидејќи само што се врати од војска, а потоа премина во Црвена ѕвезда, со која во 1984 освои двојна круна.

Втора татковина му е Португалија. Таму се запозна и со Жозе Мурињо, со кого кога ќе се видат, се присетуваат на старите времиња во Спортинг, но последен пат се виделе кога Специјалниот беше на клупата на Реал Мадрид.

Ивковиќ сите го паметат по пеналот кој му го одбрани на легендарниот Диего Марадона на Мундијалот во Италија во 1990 година, кога топката ја прибра „жива“ со двете раце. Тој му фати пенал на Марадона и на меч помеѓу Спортинг Лисабон и Наполи.

„Сите го паметат пеналот против Марадона, но верувајте, сè би дал да не одбранев, а да се пласиравме во полуфиналето на СП. Истата сезона му одбранив пенал на Марадона и во Купот на УЕФА. Се обложив со него дека ќе му го одбранам. Едноставно знаев каде ќе шутира. Не сум се видел со него од таа 1990 за да поразговараме за тие пенали. Сепак, мора да кажам дека не се живее од минатото и од тие одбранети пенали“, вели Ивковиќ.

Погледнете како Ивковиќ ги „читаше“ пеналите на најдобриот фудбалер на светот во 1990 година:

- Оглас -

Најнови вести