Голманот на Њукасл може да освои победнички медал од Лига купот и тоа ако неговиот тим загуби!

Манчестер јунајтед и Њукасл в недела ќе играат во финалето на Лига купот, а голманот Мартин Дубравка е во најчудна ситуација. Дубравка е голман на Њукасл, но во првиот дел од сезоната играше како позајмен во Манчестер јунајтед. За тој период, Дубравка бранеше на два меча од Лига купот, а во јануарскиот преоден рок се врати во Њукасл.

Бидејќи веќе бранеше за Јунајтед во Лига купот, Дубравка нема право да брани за Њукасл во овој куп, па Чавките ќе имаат проблеми околу голманската позиција во финалето затоа што првата опција на голот, Ник Поуп е повреден. Ако се знае дека Дубравка нема право да брани, голот на Њукасл во финалето ќе го брани Лорис Кариус.

Интересно е тоа дека Дубравка иако нема да биде дел од финалето, може да добие победнички медал, и тоа само ако неговиот тим загуби. Како дел од тимот на Манчестер јунајтед во првиот дел од сезоната, Дубравка со двата настапи во Лига купот (против Астон вила и Барнли) ќе си обезбеди медал како дел од Црвените ѓаволи.

Тоа значи дека голманот на Њукасл единствен начин да освои златен медал од Лига купот оваа сезона е да навива неговиот актуелен тим да загуби.

- Оглас -

Најнови вести