Голот во 95-тата минута донесе неочекуван рекорд во Премиер лигата

Манчестер сити синоќа со 3:1 славеше на гостувањето кај Вулверхемптон, во последниот меч од второто коло на Премиер лигата. Сити водеше со 2:0 на полувремето, а потоа Хименес донесе надеж за домаќините. Во 90+5 минута, Габриел Жесус го потврди триуфмот на гостите, а со тоа се постави и еден необичен рекорд.

Погодокот на Бразилецот беше вкупно 44-ти даден гол во ова коло во сите натпревари во Премиер лигата, што беше доволно за нов рекорд. Откако постои Премиер лигата со 20 клубови, никогаш немало поефикасно коло со голови од ова. Претходниот рекорд, во ера со 20 клубови во Премиер лигата (значи 10 одиграни меча), беше поставен во колото кое се одигра на 5 и 6 февруари 2011 година. Во тоа коло биле постигнати 43 погодоци, што значи дека сега рекордот е надминат за еден гол, токму тој на Жесус во 95-тата минута од последниот натпревар.

Во Премиер лигата имало постигнато и 53 гола, и тоа во последното коло од сезоната 1992/93, но тогаш во лигата имало 22 клуба, а сега бројката е редуцирана на 20 клубови во првенството.

Најзаслужни за поставување на рекордот се голеадите на три меча, и тоа Евертон – Вест Бромвич албион 5:2, Лидс – Фулам 4:3 и Лестер – Барнли 4:2. Во просек на 10-те одиграни средби во ова коло во Англија имало по 4,4 погодоци на дуел.

 

- Оглас -

Најнови вести