Головите се најдобра препорака – Барсегјан ќе игра за шампионот на Казахстан Астана

Ерменскиот репрезентативец Тигран Барсегјан најверојатно ќе игра за најдобриот тим во Казахстан, за Астана, а головите му се најдобра препорака за преселба од Каисар во редовите на шампионот.

Барсегјан со шест гола во 17 кола во казахстанското првенство е најдобар стрелец на својот сегашен клуб Каисар, што го привлече вниманието на неприкосновениот петкратен првак во серија, Астана.

„Има интерес и разговори, но се уште не е сигурно. Важно е да играм добро, а секако дека ми годи интересот од најдобриот клуб во Казахстан“, вели Барсегјан.

Астана апсолутно доминира во домашното првенство и има пет титули по ред, а тие се првиот клуб од Казахстан што настапил во фаза по групи во Лигата на шампионите и потоа и во Европа Лигата.

Барсегјан и е добро познат на македонската фудбалска јавност, бидејќи е дел од историската генерација на Вардар што во 2017 година обезбеди прв настап на наша екипа во фаза по групи во Европа Лигата. Популарниот ерменски Хулк играше за најтрофејниот македонски фудбалски клуб од 2016 до 2018 година.

- Оглас -

Најнови вести