Капитенот на одбојкарската репрезентација на Македонија, Никола Ѓорѓиев, и покрај повредата поради која не настапи на вчерашниот дуел со Холандија, вечерва стисна заби и играше против Чешка.
Ѓорѓиев признава дека Чесите вечерва беа подобри, но е пресреќен што Македонија се пласира во осминафиналето, каде што ја очекува дуел со светската велесила Италија.
„Чесите беа подобри, изненаден сум како добро нè прочитаа и одиграа многу добро. Јас во мојата кариера никогаш не сум ја победил Чешка, нивниот стил на игра не ми одговара. Мислам дека момците беа уморни, бевме истрошени некако, меѓутоа ќе го земам позитивното од овие мечеви. Ја вивнавме Македонија меѓу 16 најдобри во Европа. Ќе скокнеме на ранг-листата и може да играме во златната Европска лига, а зошто да не сонуваме и за настап на Светско првенство во блиска иднина.
Дуелот со Италија ќе биде круна на нашите кариери. Тие се светски и европски шампиони и ние ќе уживаме во мечот против нив. Тие ќе направат одлична атмосфера во Бари, а ние ќе дадеме и повеќе од 100 отсто од нашите можности“, рече Ѓорѓиев.
Осминафиналниот меч меѓу Италија и Македонија ќе се игра во Бари, најверојатно в сабота, но постои можност Италијанците како организатори да го сменат терминот и да се игра в недела.