Гостивар се искачи на врвот на табелата во Првата фудбалска лига откако денеска оствари победа против Шкендија триумфирајќи со 3-1 на дербито што се одигра на стадионот „Борис Трајковски“ во Маџари.
Голманот на Шкендија, Астрит Амзаи, направи две клучни грешки под притисокот на Гостивар, што доведе до првите два гола на домашниот тим.
Во 22-рата минута, по погрешно додавање од Амзаи, Огузан Ајдоган успеа да постигне гол и да го отвори резултатот. Во 47-мата минута, Амзаи беше блокиран при обид да ја исфрли топката, која отиде кај Марко Симоновски, кој го зголеми водството на 2-0.
Во 87-мата минута, Бесарт Ибраими постигна гол за Шкендија, но Алдаир од пенал го потвди триумфот на Гостивар.
Шампионот Струга Трим Лум одигра нерешено 1-1 на гостувањето против Воска Спорт. Домаќинот неочекувано поведе во 50-тата минута, а Марјан Радески израмни во 67-мата минута.
Шкупи, по големата победа над Струга ТЛ на гости, не успеа да ја победи Беса на домашен терен и одигра 1-1. Едмундсон донесе водство за Шкупи во 24-тата минута, но Беса израмни во 82-рата минута и освои бод.
Пелистер и Работнички во Битола одиграа без голови, ист беше резултатот и на мечот меѓу Брера и Тиквеш во Струмица.
Последниот натпревар од седмото коло, меѓу Вардар и Силекс, ќе се одигра вечерва, во 20 часот, на Националната арена „Тодор Проески“.