Гриезман ја „пецна“ Барса: Враќањето во Атлетико е најубавата работа што ми се случила во изминативе години

Антоан Гриезман првпат откако се врати во Атлетико Мадрид проговори околу тоа и меѓу редови ја „пецна“ Барселона со изјавата дека за него камбекот во Мадрид е најсреќен момент во изминативе години.

Гриезман претходните две сезони играше за Барселона, но не ги оправда целосно потрошените 120 милиони евра за него, па затоа ја реализира позајмицата до крајот на јуни идната година, по што Јорганџиите ќе може да го откупат неговиот договор за 40 милиони евра.

„Изминативе 10 дена едвај чекав да поминат, не можев да спијам знаејќи дека повторно ќе го носам дресот на Атлетико. Ова е најсреќен момент за мене, најубавата работа што ми се случила во последниве неколку години. Кога дознав дека имам шанса да се вратам тука, ми се врати и желбата повторно да бидам Јорганџија. На фановите можам само да им кажам дека повторно ќе го давам максимумот за овој дрес, а му благодарам и на тренерот Симеоне, кој влијаеше врз одлуката за мојот камбек во Мадрид“, истакна Гриезман при првото интервју.

Во првиот мандат, Гриезман запиша 257 настапи за Атлетико со учинок од 133 погодоци и 50 асистенции, освојувајќи ја Лигата на Европа, Суперкупот на УЕФА, како и шпанскиот Суперкуп.

Се претпоставува дека своето второ деби за Јорганџиите, 30-годишниот офанзивец ќе може да го оствари веќе во претстојниот викенд, на гостувањето кај Еспањол.

- Оглас -

Најнови вести