Гриезман знае што му следува по Барселона

Антоан Гриезман е еден од главните играчи на Франција на ова Европско првенство, улога каква што уживаше и во походот кон светската титула на Мундијалот во Русија.

Иако првите две сезони како играч на Барселона не поминаа најдобро кај критичарите, францускиот офанзивец на моменти знае да биде човекот од одлука. Минатата сезона ја заврши како втор најдобар стрелец во екипата зад Лионел Меси, форма која се обидува да ја пренесе и на континенталниот турнир.

Гриезман има договор со Каталонците до јуни 2024 година, а уште сега има одлучено каде ќе ја продолжи кариерата откако ќе му заврши авантурата на „Камп ноу“. Имено, тој вели дека отсекогаш му било желба да заигра во МЛС лигата, бидејќи ја обожува американската култура.

„Имам уште три години од договорот со Барселона, а потоа мислам дека ќе продолжам во САД. Ќе бидам постар, мора да си го слушам телото, што значи дека на 33 години би било идеално да се пробам во МЛС лигата. Ја обожувам таа земја и културата која ја негува, воедно сум огромен фан на НБА“, посочи Гриезман.

Ѕвездата на Франција се најде во стартниот состав за мечот против Унгарија од второто коло на ЕП, кој започна во овие моменти.

- Оглас -

Најнови вести