Грмеше во „Кале“, Македонија со пресврт не дозволи изненадување на Словачка

Сениорската кошаркарска селекција на Македонија триумфираше со пресврт над Словачка со 79:75, во вториот меч од претквалификациите за Евробаскет 2025. Преполната сала „Кале“ и огромната поддршка од трибините беше сосема доволен мотив за нашите кошаркари да наредат две победи по победата над Данска пред три дена.

Македонија по воведните 9-8 за брзо се најде во негатива која мораше да ја брка во текот на целиот натпревар. На полувреме се замина со 40:46 во корист на гостите, но се гледаа позитиви со кои се одржуваше надешта за пресврт.

Цели три минути Македонија не можеше да постигне кош по стартот на третиот период, што им дозволи на Словаците првпат да стигнат до двоцифрена предност, но сепак нашите кошаркари ја освоија четвртината со 19-17.

Многу подобар влез во клучната делница, со борбеност кошаркарите на Јончевски во последните три минути успеаја да го свртат резултатот во своја корист на минимални 71:69 по мини-серијата на Јакимовски од пет поени, што беше знак дека во „Кале“ ќе се слави победа.

Со 20 поени и 7 асистенции Димитријевиќ ја предводеше Македонија до „два од два“ во претквалификациите, а двоцифрени беа уште Јакимовски и Стојановски со по 15 и Ѓуроски со 12 поени. Кај Словаците, најрасположен беше Мокран со дабл-дабл од 18 поени и 10 скока.

- Оглас -

Најнови вести