Илкај Гундоган објави дека се повлекува од фудбалската репрезентација на Германија. Триесет и тригодишниот играч за врска, кој беше капитен на тимот на последното Европско првенство, призна дека уште пред почетокот на турнирот не бил во оптимална кондиција.
Поради ова и големото оптоварување во клупскиот фудбал, тој реши да стави крај на својата репрезентативна кариера.
„Уште пред првенството чувствував одреден замор, и физички и психички, што ме натера да размислам. Дополнително, натпреварите на клупско и на меѓународно ниво нема да се намалат,“ објасни тој.
Веста дојде малку изненадувачки бидејќи во последните денови повеќе се очекуваше информација за иднината на Гундоган на клупско ниво затоа што се чини дека тој нема да остане во Барселона. Можно е негово враќање во Манчестер сити.
Во својата репрезентативна кариера, Гундоган одигра 82 натпревари за Германија, а дебитираше во 2011 година. Сепак, тој не беше дел од тимот што триумфираше на Светското првенство во Бразил во 2014 година.