Манчестер сити доживеа вистинска катастрофа откако загуби со 3-1 на гостувањето кај Бодо/Глимт. Тренерот на Граѓаните, Пеп Гвардиола, по мечот имаше само пофални зборови за Норвежаните, но избегна да ја коментира играта на неговата екипа.
„Дефанзивно, тие се неверојатни – ист менаџер во последните шест-седум години, исти играчи – и тоа носи конзистентност во она што го прават. Знам дека луѓето можат да мислат поинаку, но минатата сезона тие стигнаа до полуфиналето на Лигата на Европа, што значи дека се врвен тим – навистина одличен. Тие извонредно добро го затвораат просторот, мора да се игра по крилата, а ние немаме играчи кои можат да играат еден на еден или да напаѓаат зад одбраната, па затоа наидовме на одредени тешкотии. Но, генерално, како традиционален тим, слично на повеќето екипи од Северна Европа, тие се навистина добри, па им честитам. Не можеме да кажеме ништо друго“, рече Гвардиола.
За Бодо/Глимт ова беше најголемата победа во историјата на клубот, но со шест бода сè уште се далеку од влез меѓу 24-те екипи кои ќе продолжат во разигрувањето од Лигата на шампионите.

