Менаџерот на Манчестер сити, Хосеп Гвардиола, направи една несоодветна споредба помеѓу неговиот клуб и италијанска Рома околу трошењето на пари за засилувања.
Сити со години вложува огромни средства, целта е европска титула, но таа никако да дојде. Гвардиола е под притисок, ниту титулата во Премиерлигата не му е сигурна, па почна да се вади, „боцкајќи“ го колегата Жозе Мурињо кој ја води Рома.
„За мене, освојувањето на титулата во ЛШ не е прашање на пари, но навивачите не го сфаќаат тоа. Еве и Рома потроши многу пари, а не ни игра во Лигата на шампионите“ – рече Гвардиола.
Рома го купи Абрахам за 40 милиони евра, Кумбула за 26,5, Шомуродов за 19, Вина за 13,6 и Руи Патрисио за 11,8 милиони.
Од друга страна, Сити, само за еден играч, за Џек Грилиш, потроши дури 118 милиони.