Гвардиола потрошил 868 милиони евра, а ЛШ ја нема освоено од 2011 година

Манчестер сити и оваа година не успеа во својата мисија, да ја освои Лигата на шампионите и да стане најдобар тим во Европа за оваа сезона. „Граѓаните“ синоќа претрпеа шокантна елиминација на свој терен, иако славеа со 4-3 против Тотенхем. Лондонскиот тим е во полуфиналето благодарение на победата од 1-0 на првиот меч.

Ова беше дуел и на два клуба со различни филозофии. Сити не жали пари да потроши на нови засилувања, а Тотенхем е првиот тим во Премиер лигата кој два преодни рока не купил ниту еден играч. И со истиот состав од лани, Тотенхем покажа дека има сили за полуфинале во ЛШ, а Гвардиола повторно остана со куси ракави.

Гвардиола полека но сигурно почна да се навикнува на неуспесите во ЛШ. Откако во 2011 година со Барселона го победи Манчестер јунајтед во финалето, шпанскиот стратег веќе осум сезони не може ни да припари до финалето, а не да се надева на трофеј. Пресметано е дека во овие осум сезони, Гвардиола има потрошено неверојатни 868 милиони евра за нови играчи како предводник на Барселона, Баерн Минхен и Манчестер сити.

СО БАЕРН ВО ТРИ СЕЗОНИ ИМАШЕ ТРИ ПОЛУФИНАЛИЊА

Во сезоната 2011/12 Гвардиола потроши 60 милиони евра за засилувања во Барселона, но не успеа да го одбрани тронот, а потоа реши да направи пауза од една сезона. Во 2012/13 дебитираше на клупата на Баерн и повторно потроши 60 милиони евра за засилувања, но тоа беше доволно за титула и трофеј во Купот на Германија, а во ЛШ испадна во полуфиналето од Баерн Минхен со вкупно 5-0.

Следната сезона со Баерн го освои првенството, но не и Купот, а повторно беше неуспешен и во ЛШ. Таа сезона потроши 53 милиони евра за нови играчи. Во третата и последна сезона како предводник на Баерн, Гвардиола даде 89 милиони евра за нови играчи, но пак без ефект во ЛШ, бидејќи трета сезона по ред беше елиминиран во полуфиналето.

СИТИ НЕ Е КЛУБ ЗА ЛШ

По авантурата во Баерн Минхен, Пеп замина во Англија, на чело на Манчестер сити. „Граѓаните“ стигнаа до четвртфиналето од ЛШ, а беа потрошени скромни 35 милиони евра за засилувања. Следната сезона беше вистинско шопинг-лудило за Сити. Беа потрошени неверојатни 318 милиони евра, но ни трага ни глас од успех во ЛШ.

Оваа сезона се најавуваше како кулминација на работата на Гвардиола во Сити. Беа потрошени дополнителни 77 милиони евра, но Сити испадна од Тотенхем, кој цела година не потроши ниту едно евро.

Вкупно од август 2011 година досега, Гвардиола во клубовите каде што работел потрошил неверојатни 868 милиони евра за нови играчи, но најмногу што успеал да направи е да стигне до полуфиналето во Лигата на шампионите.

 

 

- Оглас -

Најнови вести