Менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, е суспендиран на два натпревари поради натрупани жолти картони. Шпанецот ќе го пропушти гостувањето во Премиер лигата кај Вест Хем на 14 март, како и пресметката во четвртфиналето од ФА Купот во првиот викенд од април.
Гвардиола, сепак, ќе може да го предводи својот тим во финалето на Лига Купот на 22 март, иако тоа ќе се игра помеѓу двата натпревари за кои тренерот ќе биде суспендиран.
„Ќе ви кажам нешто – ги срушивме сите рекорди во оваа земја, сите, и покрај сè. Исто така, го држиме рекордот за менаџер со најмногу жолти картони. Ги сакам сите рекорди и веќе го имам тој. Сега сум суспендиран на два натпревари и ќе земам пауза за следните два натпревари. Има работи што нема да ги разберам за 10 години. Погледнете ја ситуацијата. Секако дека ќе го бранам Доку и целиот тим“, рече Гвардиола по победата на Сити од 3-1 над Њукасл во петтото коло од ФА Купот, цитиран од Скај Спортс.
Според правилата на Фудбалската асоцијација (ФА), плејоф натпреварите во Англиската фудбалска лига (ЕФЛ) и аматерските дивизии, како и финалињата на ФА Купот, Лига Купот и ЕФЛ Трофејот, се ослободени од казни за менаџерите и членовите на нивниот персонал.

