Гвардиола: Уште боли елиминацијата, нема лесно да ја заборавиме

Во пресрет на утрешното дерби на „Етихад“, во кое Манчестер сити и Тотенхем по третпат за десетина дена ќе ги одмерат силите, Пеп Гвардиола говореше за шокантната елиминација од „петлите“ во ЛШ.

Тотенхем се пласираше во полуфиналето со конечни 4-4 од двата меча, по поништениот гол на Стерлинг во судиското надополнување поради недозволена позиција, а Гвардиола вели дека елиминацијата уште боли, и уште долго време ќе се сеќаваат на тоа.

„Не сакам играчите да заборават што се случи во средата, бидејќи тоа е невозможно. Сепак, и ние сме само луѓе, ќе ни биде потребно доста време да го заборавиме начинот на кој испаднавме од Лигата на шампионите. За среќа, навивачите се покрај нас, со нивната поддршка е многу полесно да се тешиме, а тие ќе ни помогнат да дојдеме до подвиг утре. Сметам дека ќе одиграме сличен меч како и пред неколку дена, со висок интензитет и многу возбудувања, а се надевам дека овој пат ние ќе бидеме на победичката страна“, изјави Гвардиола.

Доколку Сити утре не ги освои трите бода, ќе ги загрози шансите за одрбана на шампионската титула во Премиер лигата. Ливерпул засега е на врвот на табелата со 85 бода, „граѓаните“ заостануваат два бода, но имаат натпревар помалку од „црвените“.

Што се однесува за Тотенхем, и тие посакуваат да дојдат до победа, бидејќи се во трка со Арсенал, Челзи и Манчестер јунајтед за местата кои водат во групната фаза од Лигата на шампиони за следната сезона.

- Оглас -

Најнови вести