Халанд можело да заврши во друг бундеслигашки клуб, но проблем биле 3.000 евра

Ерлинг Халанд е ѕвездата која сезонава блесна на европската сцена. Младиот норвешки напаѓач ја почна сезоната во Салцбург, но само по неколку месеци направи трансфер во Борусија Дортмунд. Халанд имаше неверојатна есенска полусезона и даде повеќе голови отколку што одигра меча за Салцбург. Дури и во Лигата на шампионите беше незапирлив и постигна осум погодоци во групната фаза.

Тоа беше доволно за Борусија Дортмунд да го купи за 20 милиони евра. Интересно е што Халанд пред четири години можел да дојде во Германија, но во тимот на Хофенхајм. Тинејџерот одработил неколку тренинзи за У16 екипата на Хофенхајм и веднаш покажал дека е супер талент.

Челниците на германскиот клуб сакале да го задржат, но проблем била платата. Таткото на Халанд, Алф Инге Халанд, побарал месечно неговиот син да добива 5.000 евра, а политиката на Хофенхајм била да не дава повеќе од 2.000 евра за играч на У16 екипата.

Затоа Халанд решил да си замине, и тоа во екипата на Молде. Таму бил забележан од Оле Гунар Солскјер, кој тогаш беше на чело на норвешкиот тим, а две години подоцна за осум милиони евра беше продаден во Салцбург. Сега, во Хофенхајм може само да жалат поради тоа што не го задржиле Халанд и тоа само за 3.000 евра разлика во побараното и понуденото.

 

- Оглас -

Најнови вести