Халанд се повреди против Баерн по дуел со – судијата!

На талентираниот голгетер на Борусија Дортмунд, Норвежанецот Ерлинг Халанд, вчера не му беше денот, а особено за дербито со Баерн Минхен ќе има лоши спомени од судијата Тобијас Шпилер. Најпрвин Шпилер не досуди пенал по еден шут на Халанд, по кој топката го удри Боатенг во лактот и смени правец, а потоа не сакајќи Халанд се судри со Шпилер и го повреди коленото, па мораше да излезе од игра.

Халанд со гол против Шалке го отвори продолжението на сезоната во Бундеслигата, но оттогаш нема погодено. Со Волфсбург беше безопасен, а вчера во дербито против Баерн Минхен се повреди во 70-тата минута, и тоа по судир со главниот судија. Халанд има повреда на коленото, но веројатно не станува збор за нешто сериозно, иако настапот во следното коло против Падерборн му е неизвесен. Сепак, тој мораше да го напушти теренот по „фаулот“ кој му беше направен од судијата.

Ова беше втор момент по кој Халанд нема да го памети по добро судијата Шпилер. Пред да се судрат, во една ситуација Шпилер не се консултираше со ВАР при една спорна ситуација кога топката го удри Боатенг во рака.

Иако има само 19 години, серија од два и пол меча без постигнат гол за Халанд се смета за мини-криза. Во септември 2018 година, кога уште играше за Молде, беше последен пат кога Халанд имаше пост од три средби по ред без да даде гол.

- Оглас -

Најнови вести