Хофенхајм го победи Вердер со 1-0, а Штутгарт славеше на домашен терен против Баер Леверкузен со 3-1, и трката за пласман во Лигата на шампионите ќе ја продолжат и во последното коло.
Лајпциг обезбеди пласман во Лигата на шампионите откако славеше со 2-1 против Сент Паули во клучниот натпревар од Бундеслигата. Домашниот тим мораше да победи и истовремено да добие поволен развој на настаните од дуелот меѓу Штутгарт и Леверкузен, што на крајот и се случи, па Лајпциг ја завери европската елита за следната сезона.
Натпреварот почна со неколку големи шанси на двете страни. Уедраого не успеа да реализира од одлична позиција, додека Карс на спротивната страна ја погоди пречката за Сент Паули.
Лајпциг сепак дојде до предност непосредно пред паузата. По корнер од левата страна, топката стигна до Шлагер, кој од свртување погоди за 1-0.
Во продолжението домаќините продолжија со нападите. Уедраого повторно се закани и ја погоди стативата, а само минута подоцна Орбан најдобро се снајде по корнер и зголеми на 2-0.
Сент Паули успеа само да го ублажи поразот преку Цесај, но не и да избегне нов неуспех што дополнително ги комплицира нивните шанси за опстанок.
Во останатите натпревари, Хофенхајм минимално го совлада Вердер со 1-0. Гостите уште од втората минута играа со фудбалер помалку по црвениот картон на Сугавара, а победничкиот погодок беше дело на Туре.
Аугсбург ја победи Борусија Менхенгладбах со 3-1 и остана во игра за место во Конференциската лига.
Најинтересно беше во директната пресметка за Лигата на шампионите, каде Штутгарт го надигра Леверкузен со 3-1. Фармацевтите поведоа уште во првата минута преку Гарсија по брза контра и асистенција од Кофане, но домаќините експресно се вратија.
Демировиќ по одличен двоен пас со Нарти израмни на 1-1, а потоа Мителштат од пенал во судиското продолжение донесе пресврт. Конечните 3-1 ги постави Ундав, потврдувајќи голема победа за Штутгарт.

