Машката ракометна репрезентација на Македонија уште еднаш ја потврди својата припадност меѓу светската елита, обезбедувајќи пласман на Светското првенство по осми пат во низа, односно вкупно десетти во историјата.
По победата на гости кај Словачка, македонските ракометари повторно доминираа и на реваншот, славејќи убедливо со 38-23 пред својата публика.
Во атмосфера исполнета со енергија и поддршка од над 6.000 гледачи, избраниците на селекторот Кирил Лазаров одиграа одличен натпревар, без да дозволат неизвесност околу конечниот исход.
Со овој нов голем успех, Македонија го продолжува континуитетот на учества на големи натпреварувања, што започна уште со Европското првенство во 2012 година, и сега веќе 16-ти пат по ред ќе биде дел од најсилната ракометна сцена.
Овој резултат уште еднаш ја потврдува стабилноста и препознатливоста на македонскиот ракомет на меѓународната сцена, но и кохезијата на ракометот со македонскиот навивач.
Од друга страна, фудбалот уште еднаш разочара. Фудбалерите на Вардар прославија шампионска титула, но го истурија млекото што го молзеа цела сезона. На крајот, со скандалозните песни против поп иконата Каролина Гочева, го свртеа против себе речиси целиот македонски народ, поточно обичниот навивач кому му се згади од гнасните пораки.
Не си шампион само ако минеш прв низ целта, многу поважно е да имаш шампионски манири во периодот додека си на врвот.

