Хамилтон им се реваншираше на Италијанците за поразот во финалето на ЕП

Луис Хамилтон е победник на трката за големата награда на Велика Британија која изобилуваше со возбудувања. Британецот до победата стигна откако на два круга до крајот го помина ферарито на Шарлс Леклер. За Хамилтон ова е 99-та победа во кариерата.

Британецот е вистински херој на овој Ф1 викенд. Освен претекнувањето со кое стигна до првото место и победата, најголемите возбудувања на трката се случија во првиот круг. Верстапен стартуваше од пол позицијата, а Хамилтон беше втор, кога од првата секунда двајцата влегоа во „клинч“. Неколку пати Хамилтон се обиде да го престигне Верстапен, но Холанѓанецот успешно ги одбиваше нападите.

Сепак, по еден напад на Хамилтон, Верстапен со задниот дел од својот болид удри во предниот дел од болидот на Хамилтон и Холанѓанецот излета од трката. Болидот на Ред Бул беше целосно уништен и немаше шанси да се врати на патеката.

Трката беше прекината повеќе од 30 минути, а Хамилтон доби 10 секунди казна поради сударот. И со оваа казна, Хамилтон со добро возење во текот на сите 52 круга, константно ја намалуваше предноста на Леклер, а во 50-тиот круг го нападна болидот на Ферари и успеа да го помине, за голема радост на повеќе од 100.000 фанови кои беа на трибините.

Со оваа победа, Хамилтон не дозволи нова италијанска радост на британско тло (победа на Ферари) и тоа точно само една недела по победата на италијанската фудбалска репрезентација во финалето на ЕП против домаќинот Англија.

- Оглас -

Најнови вести