Хамилтон има само една молба за рекордниот број на публика во ковид-ерата

Луис Хамилтон апелираше до сите што ќе присуствуваат на трката за Големата награда на Велика Британија на патеката во Силверстон во недела да носат маски за заштита од ковид-19.

Се очекува присуство на околу 140 илјади луѓе, што ќе биде рекорд во корона-ерата, а Британците стравуваат дека тоа е големо потенцијално жариште на зараза од ковид-19.

Делта сојот на корона-вирусот зема замав, па актуелниот светски првак во Формула 1 апелира да се носат маски.

„Носењето маска е мала лична жртва што може да ви овозможи да останете здрави и да ги заштитите и другите луѓе од зараза со корона-вирусот. Затоа носете маски на Силверстон“, порача Хамилтон.

Моментно Британецот е втор во Генералниот пласман со 32 поени помалку од лидерот Макс Ферстапен. Хамилтон има дури 7 победи на патеката во Силверстон, но лани победник беше токму Ферстапен, па се очекува нова возбудлива трка за Големата награда на Велика Британија.

 

- Оглас -

Најнови вести