На три кола до крајот на првенството во македонската прва лига, Вардар има шест бода повеќе од Шкендија и уште во претстојниот викенд може да се радува на шампионскиот трофеј. Дури и калкулациите за квалификациите во Лигата на шампионите, јасно го сместуваат Вардар како следен шампион на Македонија, а доколку тоа се случи, скопските Црвено-црни ги чека голем европски предизвик.
Според рангирањето, Вардар го има вториот најслаб коефициент од сите европски прваци кои ќе бидат дел од првото квалификациско коло во ЛШ. Вардар е со коефициент од 1.551 и е подобар само од шампионот на Белорусија, тимот на МЛ Витебск со коефициент од 1.325.
Со ваков рејтинг, јасно е дека Вардар ќе биде во улога на неносител во ждрепката од првото квалификациско коло, каде што има уште 13 екипи, додека останатите 14 екипи се во улога на носители. Од тие кои ќе бидат носители во првото квалификациско коло, со најголем коефициент е Шемрок роветс од Ирска, а тука се и Купс од Финска, Дрита, која треба да ја потврди титулата во Косово, потоа Линколн Ред Импс од Гибралтар, Борац Бања Лука од БиХ….
Сите екипи кои се во колоната на носители се потенцијални противници на македонскиот шампион (најверојатно Вардар) во првото коло од Лигата на шампионите, што значи дека уште на стартот нашиот преставник ќе има тежок предизвик.


