Хероината од ОП на САД со неверојатен скок од дури 127 места на ВТА-листата

Британската 18-годишна тенисерка Ема Радукану, која го воодушеви светот со неверојатниот триумф на Отвореното првенство на САД, се искачи дури 127 места на најновата ВТА-листа која е објавена денеска. Пред почетокот на Отвореното првенство на САД, Ема беше 150-то рангирана тенисерка на светот, а сега е 23-та.

За победата на Отвореното првенство на САД без загубен сет и долг пат преку квалификации, Радукану собра над 2.000 поени, кои ја вивнаа високо во тенискиот свет. Инаку, Радукану, чиј татко е Романец, а мајка ѝ од Кина, годинава ја почна на 345-тата позиција, беше 11-та меѓу Британките, но во последните три месеци има огромен напредок. На Вимблдон настапи со вајлд-карта и дојде до четврто коло и на тој начин од 338-мо дојде до 179-то место, што ѝ овозможи место во квалификациите за Отвореното првенство на САД.

Сега веќе сите знаат која е Ема Радукану, честитка за нејзиниот триумф во Њујорк упати и британската кралица Елизабета.

Канаѓанката Лејла Фернандес, која загуби во финалето, но исто така приреди сензација во Њујорк, имаше напредок од 45 позиции и од 73-то скокна на 28-мо место на ВТА-листата.

- Оглас -

Најнови вести