Херојот на Швајцарија бил хуманитарец, а работел и во фирма за чистење

Гранит Џака беше прогласен за играч на мечот на дуелот против Франција, но фудбалерот реши признанието да му го подари на селекторот Владимир Петковиќ. Тоа беше само еден знак колку предводникот од клупата има влијание и е значаен за победата на Швајцарија против актуелниот светски првак.

Петковиќ веќе седум години е на чело на Швајцарија и во целиот овој изминат период создаваше селекција која конечно блесна и го покажа целиот свој квалитет. Откако дојде на селекторската функција, Швајцарија нема пропуштено големо натпреварување (настап на две европски и едно светско првенство). И не само што репрезентацијата е дел од завршницата, туку секогаш ја поминува и групната фаза.

Сега Швајцарија не само што ја помина групната фаза, туку во нокаут-системот ја елиминира Франција, а следен нивен предизвик е дуел против Шпанија. Петковиќ како фудбалер беше дел од шампионската генерација на Бордо во 1995 година, а играчката кариера ја заврши во 1999 година, а потоа се посвети на тренерската работа.

Бил тренер во клубови како: Белинцона, Лугано, Јанг бојс, Самсунспор, Сион и Лацио, а потоа реши да ја преземе репрезентацијата на Швајцарија и да го создаде сонот кој сега го живее овој национален состав.

Освен фудбалската кариера, Петковиќ е човек кој работел и во хуманитарната организација „Каритас“. Продавал и мебел, облека и книги, а потоа собраните средства ги донирал на оние кои им се најпотребни. Има работено и во фирма за чистење, а помагал да им најде работа на оние на кои им е најпотребно.

Петковиќ може да се пофали дека е полиглот затоа што знае дури седум јазици. Покрај родниот босански јазик, тој зборува и англиски, француски, шпански, германски, италијански и руски, па лесно може со секого да се разбере.

Со просек од освоени 1,80 поени по меч, Петковиќ е најуспешниот селектор на Швајцарија, надминувајќи го легендарниот Отмар Хицфелд. Приказната за Петковиќ и Швајцарија која трае седум години е уште еден доказ дека со вредна работа и трпеливост, може да се достигнат најголемите височини.

 

- Оглас -

Најнови вести