Херојот од ЛШ: Над стопати го гледав тој гол

Себастиен Тил е фудбалерот за кој дозна цел фудбалски свет, и тоа благодарение на неговиот неверојатен гол на „Сантијаго Бернабеу“, со кој молдавскиот првак Шериф Тираспол го победи Реал Мадрид. Според некои пресметки, победата на Шериф во Мадрид против Реал е најголемото изненадување во историјата на Лигата на шампионите.

Шериф е изненадувачки лидер во групата од ЛШ со максимални шест бода, а новиот фудбалски херој Тил открива дека уште ужива да го гледа голот што го постигна против Реал Мадрид.

„Повеќе од 100 пати го погледнав тој гол. Многу мои пријатели го споделуваа погодокот на социјалните мрежи и едноставно уживав да го гледам“, вели Тил, кој додаде кој бил советот за играчите од нивниот тренер. „Стратегот ни рече да не се плашиме и да играме фудбал, да уживаме во тие моменти бидејќи ретко се добива шанса да се игра на Сантијаго Бернабеу против Реал Мадрид. Направивме добра анализа и знаевме дека можеме да победиме. Ние сме најмалата екипа во Лигата на шампионите и нема што да загубиме. Затоа играме без страв и можеме да победиме секого“, открива репрезентативецот на Луксембург.

До пред неколку месеци, Тил играл без да земе плата, а не се срами да каже дека често знаел да ја коси и тревата на стадионот на екипата Прогрес, каде што играше во Луксембург. Тил уште е играч на Прогрес, но во Шериф дојде сезонава како позајмен играч.

 

- Оглас -

Најнови вести