Хит кај Германците е „Домаќине, опасни гости ти дојдоа“

Чуден тек има Бундеслигата на почетокот на пост-корона ерата, односно во продолжението на сезоната, и домашните екипи покажаа колку им недостасува поддршка од навивачите на трибините, па забележаа само три победи на 22 натпревари.

Во 26-тото коло, или прво по рестартирањето на Бундеслигата, во рурското дерби Борусија Дортмунд го декласира Шалке 04 на својот „Вестфален“ со 4:0, што беше единствениот триумф на домашна екипа при кам-бекот на германското првенство.

Во следното коло само шампионот Баерн Минхен и Херта се спасија од изненадување како домаќини. Баварците со 5:2 го декласираа Ајнтрахт Франкфурт на „Алијанц арената“ во Минхен, додека Херта на Олимпискиот стадион го доби берлинското дерби против Унион со 4:0.

Вчера започнаа натпреварите од 28-мото коло и повторно со старата песна без ниту една победа на домашен тим на четири дуели.

Досега гостинските екипи се многу поуспешни и освоија цел плен на 12 меча, што е трипати повеќе од победничките походи на домаќините. Седум дуели во некомплетните три кола во продолжението на Бундеслигата завршија нерешено, па билансот во бодови е на страната на гостинските екипи.

Досега освоија дури 43 бодови, наспроти 16 кои заминаа на контото на екипите кои беа домаќини. Натпреварите во продолжението на германското првенство се играат без присуство на публика.

 

- Оглас -

Најнови вести