Хјустон победува и кога Харден промашува

Џејмс Харден немаше своја вечер во Солт Лејк сити, постави плејоф рекорд со стартни 15 утки по ред, но и со таков лош учинок на НБА ѕвездата, Хјустон победи со 104:101 и води со 3:0.

Харден го почна мечот со катастрофален шут и имаше 0-15 кога за првпат погоди, но сепак некако стаса до 22 поени и 10 асистенции. Вкупно популарната „брада“ шутираше 20 пати од поле и погоди само 3 удари.

На спротивната страна конечно во серијата со Хјустон се разбуди Донован Мичел. Бекот на Јута беше најефикасен на третиот меч со 34 поени, откако претходно на двата дуели заедно едвај стаса до 30 поени.

Со 3:0 води и Милвоки бакс против Детроит пистонс, по триумфот од 119:103, ноќеска на гостински терен. На домаќините не им помогна ниту изненадувањето Блејк Грифин, кој играше и покрај најавите дека нема да настапи до крајот на плејоф серијата во првото коло.

Грифин одигра одличен меч, беше најефикасен на паркетот со 27 поени, но и тоа не им помогна на домаќините. Крис Мидлтон со 20 поени го предводеше Милвоки до третата победа со двоцифрена разлика против Пистонс.

Претходно Денвер успеа да израмни на 2:2 со брејк против Сан Антонио. Гостите славеа со 117:103, најмногу благодарение на импресивниот Никола Јокиќ. Центарот на гостите постигна 29 поени, комбинирани со 12 скока и 8 асистенции. Џамал Мареј забележа 24 поени, исто како и најефикасниот кошаркар кај домаќините Ламаркус Олдриџ.

И Филаделфија победи на гостински терен, со 112:108 против Бруклин нетс и израмни на 2:2 во серијата до 4 победи. Џоел Ембид уфрли 31 поен, со 16 скока и 7 прецизни додавања. Карис Леверт со 25 поени беше прв стрелец кај Нетс.

- Оглас -

Најнови вести