Шокантни обвинувања пред Светското првенство – ФИФА одговара

Неколку дена остануваат до стартот на Светското првенство, а на повидок е нов скандал по објавата на ирскиот новинар Јуан Мекена. Тој открива дека ФИФА масовно резервирала хотелски соби во Соединетите Држави, создавајќи вештачко чувство на недостиг и придонесувајќи за повисоки цени за навивачите.

Во објава на социјалната мрежа „X“, Мекена напиша дека фудбалската организација резервирала значителен број хотелски соби во градовите домаќини на Мундијалот, а потоа ги откажала овие резервации. Според новинарот, таквата практика создала вештачка побарувачка на пазарот и довела до повисоки цени за навивачите кои планираат да присуствуваат на натпреварите од ова Светско првенство.

Тврдењата на Мекена се совпаѓаат со критиките упатени во последните месеци од претставници на американската хотелска индустрија. Според нив, ФИФА резервирала значителен број соби за потребите на турнирот, што ја ограничило понудата на пазарот во голем број градови домаќини.

ФИФА ги коментираше обвинувањата, отфрлајќи ги сугестиите за манипулација на пазарот. Во својот став, светската фудбалска централа нагласува дека сите отпуштања на хотелски соби биле извршени во договорените рокови и согласно договорите склучени со хотелските партнери.

„Сите отпуштања на собите биле извршени согласно договорените рокови со хотелските партнери – стандардна практика за настан од ваков размер“, се вели во соопштението на ФИФА.

Организацијата додава дека во многу случаи собите биле ослободени дури и пред претходно утврдените рокови со цел да се задоволат барањата на самите хотели. Во својот став, ФИФА исто така нагласува дека во текот на целиот процес одржувала  постојана комуникација со хотелските оператори за прашања, како што се бројот на резервирани соби, условите за ценообразување, видовите сместување и потребните прилагодувања на резервациите.

- Оглас -

Најнови вести