Хрватска добива патека на која ќе може да се одржуваат и Формула 1 трки

Меѓународната патека за моторни трки „Кроација Ринг“, која треба да се изгради северно од градот Слуњ, доби зелено светло од Министерството за заштита на животната средина и ова ја доближува Хрватска до можноста за изградба на првата патека според највисоките стандарди на Меѓународната автомобилска федерација (ФИА), која потенцијално би можела да биде домаќин на трки и од Формула 1.

Проектот е вклучен во листата на стратешки инвестициски проекти на Република Хрватска, а планираната локација е во подрачјето на градот Слуњ, помеѓу населбите Вељун и Благај, во близина на реката Корана, на 90-тина километри од главниот град Загреб. Во близина се и Плитвичките езера, а станува збор за простор на кој сега има шума. 

Патеката од 4,2 километри ќе има 12 кривини и вертикален пад од повеќе од 34 метри. Дизајнирана е според спецификациите од ФИА Степен 1, највисоката категорија за хомологација што овозможува организирање на натпревари од највисоко ниво, вклучително и Формула 1. Тоа е единствената лиценца што дозволува организирање трки од Формула 1, а во моментов има само 35 патеки во светот што ја поседуваат.

Патеката ќе има повеќе конфигурации и ќе биде наменета за трки со автомобили и мотоцикли, тестирање на возила, школи за безбедно возење и комерцијални настани.

Комплексот ќе се простира на површина од околу 50 хектари. Од нив, 40 хектари ќе бидат зафатени од тркачката зона со патека, падок, сервисни објекти и помошна инфраструктура, додека преостанатите 10 хектари се наменети за туристички и угостителски објекти.

Тука е и бензинска пумпа која ја има и сега, и ќе остане на таа локација. Постојните станбени згради и колиби веќе се купени или ќе бидат предмет на постапка за експропријација и ќе бидат отстранети пред изградбата. Планирани се бутик хотел, луксузни апартмани, колиби со поглед на патеката, ресторани и изложбен простор. Заедно со дополнителни сместувачки капацитети, комплексот би можел да прими вкупно околу 520 гости дневно.

За главните трки, кои се планира да се одржуваат еднаш или двапати годишно, планирано е да се сместат речиси 18.000 посетители. Природните трибини би можеле да сместат околу 15.000 гледачи, а планирани се и ВИП зони, медиумски центар и придружна инфраструктура за телевизиски преноси. 

Изградбата се очекува да трае две години. Ќе треба да се ископаат повеќе од 1,18 милиони кубни метри материјал, додека не е исклучено ограничено минирање на дел од карпестиот терен. Во исто време, повеќе од 60 проценти од вкупната површина треба да остане под зеленило. Проектот е усогласен со Просторниот план на Карловачката жупанија, а организаторите нагласуваат дека Кроација Ринг треба да стане центар на хрватскиот мотоспорт и нова туристичка атракција во континентална Хрватска.

- Оглас -

Најнови вести