Хрватска се подели пред вечното дерби, Адеми и Ристовски очекуваат почесен поздрав од Хајдук на непријателскиот „Пољуд“

Динамо Загреб веќе ја освои титулата во Хрватска на едно коло до крајот на првенството, а на фудбалски план земјата се подели околу дилемата дали популарните Модри како шампиони на НХЛ ќе го добијат очекуваниот почесен поздрав од вечниот ривал Хајдук, на непријателска територија, на култниот „Пољуд“ во Сплит на 21. мај.

Аријан Адеми како капитен ќе го предводи Динамо и на „Пољуд“ во последното коло, но неизвесно е дали домашните играчи на Хајдук ќе го приредат популарниот шпалир во чест на прваците.

На титулата се радува и Стефан Ристовски, а особено расплетот му се погоди на Адеми.

Македонскиот репрезентативец како капитен на Динамо го предводеше клубот до шампионска победа од 2:0 против Шибеник, градот во кој е роден и таму ја славеше титулата со соиграчите.

Сега како шлаг на торта ќе му дојде почеста од играчите на Хајдук, на „Пољуд“ во вечното дерби, ако има шпалир за шампионите од Загреб.

Хрватскиот „Индекс“ направи и анкета за тоа дали треба да има почесен поздрав од Хајдук за Динамо и засега 55 проценти се изјаснија дека шпалир не треба да има, а 45 посто се „ЗА“ почесен поздрав за динамовци од вечниот ривал.

Популарниот шпалир за шампионите е вообичаен за Англија и се смета за чин на спортска култура, а се почесто го прифаќаат и другите земји. Но има и клубови што го одбегнуваат, особено кога ривалитетот е голем, каков што е случајот со Динамо и Хајдук во Хрватска.

 

- Оглас -

Најнови вести