Куманово славеше во Гостивар со 85-72 и го приреди најголемото изненадување во денешните три меча од првата кошаркарска лига на Македонија. Кумановци губеа на полувреме со осум поени разлика, но имаа поголем број на расположени играчи и направија пресврт, па станаа првата екипа која го победи Гостивар во салата „Младост“.
Кај Гостивар го немаше Костоски, а оние Македонци кои настапија, не беа доволно расположени. Доналдсон даде 38 поени, што е повеќе од половината поени во гостиварскиот тим, додека Џелетовиќ уфрли 14. Кај Куманово, Марковски даде 24 поени, гостиварецот Јанески имаше 23 поени и 15 скока, а Младеновиќ кој по заминувањето од Охрид прво потпиша за Гостивар, па се пресели во Куманово, заврши со 12 поени и 14 асистенции. Парите од билетите, хуманите гостиварци ќе ги донираат за помош во Албанија, која беше погодена од земјотрес.
Кожув го победи ФМП Академија со 87-78, но скопјани се покажаа како жилав ривал кој игра со голема самодоверба. За истакнување се 25-те скока на Мареро од Кожув. Во Скопје, Работнички го надигра Вардар со 103-55, и после поразите во претходните мечеви, покажа дека сепак е многу појак од некои екипите од долниот дел на табелата.
Утре е дербито Еуро Никел – МЗТ Скопје Аеродром. Ако победат кавадарчани, ќе има четири тима на врвот со по 6-2, но првакот ќе сака да го запоседне првото место и тоа како осамен лидер.