Хуманитарен тикет од човекот кој ја носи македонската одбојка кон европските височини

Петар Јовановски повеќе од една деценија е претседател на Одбојкарската федерација на Македонија, а од пред една и пол година тој и соработниците почнаа да ги собираат плодовите од работата преку успесите на машкиот сениорски национален тим, кој е локомотивата која ја влече нагоре македонската одбојка.

Популарните Спартанци вторпат по ред ќе играат на Европско првенство, а заслуга за успехот има и првиот човек на Федерацијата, кој веруваше во овие момци и како круна на кариерите на репрезентативците, можеби ќе им обезбеди задоволство во 2023 година да бидат домаќини на една од групите на ЕП.

„Среќен сум, задоволен, исполнет. Долго време сум на оваа позиција, макотрпно работиме, јас секогаш велам дека кога се работи, се доаѓа до целите кои си ги имаш поставено. Со двајца-тројца соработници и ентузијасти, кои исто како мене се поранешни одбојкари, оваа генерација ја следиме десетина години, направивме проценка дека има потенцијал. Почетоците беа многу тешки, располагавме со мали финансиски средства, но успеавме да го истуркаме тоа. Еве, сега дојде време да ги собираме плодовите. Можам да кажам дека федерацијата е застаната на здрави нозе“ – вели Јовановски.

Некогашниот одбојкар на Вардар е задоволен од организацијата на турнирот за време на пандемија.

„Турнирот го организиравме на едно светско ниво, придобивка е што немавме ниту еден заразен играч, имавме волонтери кои помагаа, би им се заблагодарил на сите кои беа вклучени во организацијата. Добивме пофалби, го положивме тестот пред кадетското првенство за девојки до 19 години во 2022 година, а имаме поднесено кандидатура и за да бидеме еден од домаќините на ЕП за мажи во 2023 година. Да не бидам преголем оптимист, но ќе кажам дека шансите ни се големи. Политиката е првенствата да се играат во повеќе држави, моделот се покажа како успешен за популаризација на одбојката во повеќе земји“, додава Јовановски, кој го ангажира Никола Матијашевиќ за селектор, човекот под чие водство тимот се пласира на две ЕП.

НЕ Е КЛАСИЧЕН ПРЕТСЕДАТЕЛ „ФОТЕЛЈАШ“, НА МЕЧЕВИТЕ СЕ ОДНЕСУВА КАКО ЗАПАЛЕН НАВИВАЧ

„На ЕП во Словенија за малку не влеговме во осминафиналето. По поразот од Финска на стартот, бевме тажни, јас многу емотивно ги гледам мечевите, не сум класичен претседател кој седи мирно, како жесток навивач сум, скокам, викам, а Словенците ме тешеа дека на четири првенства немале освоено ни сет. Сега во септември не ни значи многу каде би играле, можеби Чешка и Полска ни се поблиску, па од аспект на бројност на навивачи, можеби таму е подобро да играме. Дај боже да заврши ковид лудилото и да има публика. Сеедно ни е каде ќе се игра, спремни сме. Играта ни е на европско ниво, можеме со секого да играме. Се надеваме и на чекор понапред и пласман во осминафиналето“, оптимистички најавува претседателот кого играчите го фрлаа во раце по успехот во Европската лига во Варна во 2016 година.

ЖЕНСКАТА ОДБОЈКА Е НАЈМАСОВЕН СПОРТ ВО МАКЕДОНИЈА, МАШКАТА ЛИГА ТРЕБА ДА ГО ПОДИГНЕ НИВОТО НА ПРОФЕСИОНАЛИЗАМ

„Треба да се работи по клубовите и да го подигнеме квалитетот на лигата. Последниве две години има раздвижување, но далеку е од она што треба да биде. Не е професионализам да се тренира два, три или четири пати неделно, тоа е рекреација. Јас на шега велам ги одморавме играчите за да бидат на максимум кога ќе играат за репрезентација. Со квалитетна стручна работа, можеме да напредуваме. Би истакнал дека женската одбојка е најмасовен спорт во Македонија. Мора да ја искористиме таа масовност, да не биде само академиите да земаат членарина и тука да заврши приказната. Ја подготвуваме генерацијата У-19 за првенството кај нас в година, со правилна работа мислам дека и таму ќе постигнеме резултат“, смета Јовановски.

ИГРАЧИТЕ ЗАСЛУЖУВААТ НАГРАДА И ОД ДРЖАВАТА

„Последните неколку години имаме сериозна поддршка од Агенцијата за млади и спорт, оној ваучерски систем ни помага доста, третирани сме одлично. На состанокот во АМС побарав рамноправност, играчите да бидат наградени, не спомнав суми, не реков ни колку, ни како. Сите сме еднакви граѓани на Македонија, ова е успех, би сакал играчите да бидат наградени. По социјалните мрежи имаше чудни коментари како сме можеле да се споредуваме со фудбалерите. Не барав за себе, туку за играчите, заслужуваат да бидат наградени. Од многу работи се откажуваа, но истрајноста, желбата да се промовира државата им беа огромни. Верувам дека и Владата ќе има слух“, верува првиот човек на ОФМ.

ПОРАНО ПОЧЕСТО БИЛ СО БИЛТЕНИТЕ ОД ОБЛОЖУВАЛНИЦИТЕ ВО РАКА

„Во минатото, додека бев активен спортист, немаше спорт кој не го следев, што се вели и пикадо сум следел. Се будев наутро и одев да купам спортски весник, сум следел буквално сè. Кога се растури Југославија, некако престанав да гледам спорт. По распадот на СФРЈ, квалитетот падна. Потоа гледав НБА-кошарка додека играше Мајкл Џордан, следев Формула 1 во времето на Михаел Шумахер, кога тој се повлече, ни тоа. Сега од фудбал гледам само поважни мечеви, онака опуштено во друштво, кога има Лига на шампиони или слично.

Се имам обложувано, имам разни искуства, сум имал и поголеми добивки, сум имал и тикети кои биле недобитни само за еден меч. Еден период кога имав повреда на лигаментите и бев опериран, па додека лежев дома, постојано бев со билтените и се обложував често“, завршува претседателот на ОФМ кој состави реален хуманитарен.

- Оглас -

Најнови вести