Чуамени за инцидентот со Валверде: „Слушнав многу невистинити приказни“

Играчот за врска на Реал Мадрид, Орелијан Чуамени, изрази жалење поради огромното медиумско внимание што го предизвика неговиот неодамнешен физички конфликт со соиграчот Федерико Валверде.

Францускиот репрезентативец смета дека целиот инцидент бил претерано нагласен токму поради статусот и популарноста на Реал Мадрид на светско ниво.

„Очигледно е дека нешто се случи, сите слушнавте за тоа. За жал, работата доби огромни размери затоа што излезе во медиумите, а кога играте за Реал Мадрид, интересот секогаш е огромен“, изјави Чуамени.

Тој додаде дека вакви ситуации понекогаш се случуваат во спортот, но ретко добиваат толкаво внимание како кога се работи за играчи на мадридскиот гигант.

Како последица од инцидентот, Федерико Валверде заработи повреда на главата, поради која му биле ставени неколку конци.

Раководството на Реал Мадрид реагираше експресно и ги казни двајцата фудбалери со парични казни од по 500.000 евра.

Покрај високата финансиска санкција, Федерико Валверде беше принуден да отсуствува од терените околу десет дена поради повредите што ги заработи во инцидентот.

Французинот Орелијанн Чуамени исто така нагласи дека медиумските извештаи содржеле многу неточни детали за самиот тек на физичката пресметка.

„Во медиумите се појавија секакви работи. Слушнав приказни за тепачки во кои сум удирал, а тоа не е вистина. Нема да навлегувам во детали околу тоа. Најважно е дека клубот знае што точно се случи. Одиме понатаму“, изјави Чуамени.

Играчот од средниот ред на Реал Мадрид порача дека не сака дополнително да ја коментира ситуацијата, потенцирајќи дека случајот е затворен во рамките на клубот и дека целосниот фокус сега е насочен кон претстојните обврски на тимот.

 

- Оглас -

Најнови вести